Цените на становите изминативе месеци се во благ пад, но наскоро не може да се очекува тие драстично да се спуштат. Големата понуда, особено на новоградби, но и големата побарувачка, засега ги држи цените на релативно високо ниво, оценуваат агенциите за недвижности. Искуството на агентите за недвижности покажува дека во моментов многу повеќе се бараат станови во новоградби, отколку стари станови, како што беше во минатото. Сепак, посочуваат од агенциите, кога станува збор за атрактивна локација, речиси да нема разлика во цената меѓу стар и нов стан. Иако има голема понуда поради масовната изградба, луѓето сепак се многу внимателни при купувањето. Kога станува збор за продажба, цените на становите се во блага стагнација.
Цените на становите изминативе месеци се во благ пад, но наскоро не може да се очекува тие драстично да се спуштат.
Големата понуда, особено на новоградби, но и големата побарувачка, засега ги држи цените на релативно високо ниво, оценуваат агенциите за недвижности.
Искуството на агентите за недвижности покажува дека во моментов многу повеќе се бараат станови во новоградби, отколку стари станови, како што беше во минатото. Сепак, посочуваат од агенциите, кога станува збор за атрактивна локација, речиси да нема разлика во цената меѓу стар и нов стан.
Иако има голема понуда поради масовната изградба, луѓето сепак се многу внимателни при купувањето.
- Kога станува збор за продажба, цените на становите се во блага стагнација. Изминатиот период на пазарот се појавија многу новоградби, но не би можела точно да кажам како тоа ќе се одрази врз побарувачката и врз цените во иднина. Луѓето се внимателни во оваа криза, а дополнителна тешкотија при купувањето создаваат и високите камати на банкарските кредити - вели Лилјана Kовачева, претседателка на Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија.
Таа смета дека целокупната ваква ситуација сепак нема да им зададе голем удар на цените на становите, особено во Скопје. Според процените на консултантската куќа „Фортон“, станбен квадрат во метрополата во моментов се продава просечно за 950 евра, што, според граѓаните, е прескапо. Цените на станбениот квадрат во изминатите години останаа зацементирани на релативно високо ниво. Ниту дел од мерките и проектите на државата, која почна да гради и да продава станови по неколкупати пониски цени од пазарните, не влијаеја тие да се спуштат. Не помогна ниту владината мерка за намалување на ДДВ за нови станови од 18 на пет отсто.
- Основен мотив при формирањето на цената е побарувачката. Штом инвеститорите не ги спуштаат цените, значи дека има голем број барања и продажбата оди задоволително - смета Kовачева.
Од градежните компании објаснуваат дека интересот на граѓаните за купување станови постојано расте, без оглед на цената. Особено пораснал откако Владата го почна проектот „Kупи куќа, купи стан“, поради кој дел од градежниците за малку ги поевтинија за да се приспособат на пропишаните услови. Но, ни тоа немаше големо влијание врз генералното ниво на цени. Анализите на дел од градежниците покажуваат дека Скопје, Струмица и Охрид лани биле најатрактивни места за купување станови. Поради тоа, новоградбите во овие три градови во моментов се и најскапи споредено со другите градови низ земјава. Искуството покажало дека побарувачката во помалите градови ја зголемува отворањето на некој универзитет, дисперзирани студии или нова фабрика.
Лиценци за агентите за недвижности
Секој граѓанин кој може да се регистрира како трговец-поединец може да посредува при продажба и издавање недвижности, без разлика дали има квалификации за тоа. Немањето законска регулатива со која ќе се уреди оваа дејност придонесува за одредени проблематични ситуации при продажбата на недвижностите, кога некои посредници успеваат да ги измамат граѓаните.
- Членките на Групацијата се професионалци и може да кажат дека немаме таков проблем. Но, секојдневно доаѓаат луѓе што се незадоволни или имале лошо искуство од вакви „професионалци“. Затоа сакаме да се воведе ред - вели Kовачева.
Поради тоа, Групацијата на агенции за недвижности бара Владата да донесе закон за промет на недвижности со кој сметаат дека ќе се воведе ред во дејноста. Со него би се вовеле лиценци за агентите за недвижности, што значително ќе го подобри квалитетот на услугите што им ги нудат на граѓаните. Иницијативата за донесување вакво законско решение Групацијата уште поодамна ја испратила до државните институции, но досега нема одговор. На пазарот во моментов има околу 450 компании кои посредуваат при продажба на недвижности.